Детска Психологија

Агресијата како форма на појава кај адолесцентите

Децата го гледаат однесувањето на своите родители, затекнуваат кавги и слушаат пцовки, па затоа во следниот момент кога тие се во конфликт сметаат дека најлесно решение да се справат со проблемот е со доза на викање и удирање.

Николина Иваноска Котевска | 24-Apr-2022

Агресијата како форма на појава кај адолесцентите

Пубертетот е период во животот кај секој човек каде што се случуваат низа промени, а се одвива на возраст помеѓу 12 и 18 години. Пред почетокот на овој период, но и за време на истиот, децата се најранливи, лесно можат да бидат повредени и недоволно разбрани, па затоа најчесто тоа може да го „повлече чкрапалото“ и да го иницира агресивното однесување кај нив.

Токму затоа, психологот Алберт Бандура смета дека агресивноста започнува во оној момент кога едно дете од предшколска возраст почнува да се однесува како својата воспитувачка, која агресивно го изнесува своето однесување кон децата. Покрај тоа, тој тврди дека главен модел за едно дете во развој е оној момент каде што две дечиња се караат, а тој ги гледа.

Постојат низа реакции, бидејќи секој е индивидуа за себе, па затоа тука започнува и психолошката трансформација кај детето. Најважна е ситуацијата во домот. Децата го гледаат однесувањето на своите родители, затекнуваат кавги и слушаат пцовки, па затоа во следниот момент кога тие се во конфликт сметаат дека најлесно решение да се справат со проблемот е со доза на викање и удирање. Од друга страна пак, кога родителите се претставени со строга слика, казнуваат или забрануваат – детето повторно развива агресивно однесување.

 

карање во семејство

 

Покрај семејството, втор фактор кој што влијае врз адолесцентите се социјалните мрежи и медиумите. Секојдневно на телевизиите се пуштаат филмови со насилничка содржина која што како кај секого, така и кај адолесцентите привлекува повеќе внимание отколку да гледаат некоја полесна и интересна содржина.

Современиот стил на живеење, нездравиот начин на исхрана и недоволно посветеното време, претставува слика на осаменост за едно дете, а таа осаменост и како тоа дете се чувствува и реагира на промени, не се препознаени од неговите блиски.

Промените во неговото однесување се гледаат дури тогаш кога агресијата е на високо ниво, а нервозата и чувството на недоволно внимание се енормно зголемени, што отсликува лошо однесување кај самото дете.


 

Како може да се спречи и контролира агресијата?

 

Постојат различни методи и техники каде што може да се спречи односно контролира агресијата. Не секои се препорачливи, но во одреден момент знаат доволно да помогнат.

Катарзата е еден вид на спречување на агресивноста. Наоѓањето на душевен мир секогаш е во полза на индивидуата бидејќи тогаш таа знае како да ги контролира своите емоции и чувства. Фројд смета дека поединецот никогаш не треба да ги поттиснува своите чувства, односно треба да се ослободи од нив. 

Медикаментите препишани од стручно лице кои што имаат смирувачки ефект се важен дел, затоа што не секој може природно да ја смири агресијата.

Помалку гледање филмови со агресивна содржина. Насилничките сцени треба да се одбегнуваат во секој случај, посебно кај помладата публика, затоа што тие тоа го учат токму од тв-екраните.

Избегнување конфликти. Конфликтите се насекаде околу нас, во семејството, во училиштето, но најважно е да се избегне провокацијата и со самоконтрола да се постигне позитивен ефект.

Еден од последните начини, а воедно и еден од помалку преферираните пристапи е казната. Понекогаш може лошо да влијае врз агресивната личност, но е важна бидејќи во најлош случај може да спречи насилство. Казната треба да се употребува само онаму каде што случајот е неодминлив.

 

агресивност кај адолесценти
 

 

Можеме да заклучиме дека агресивноста иако секојдневна, не е лесна појава па затоа секогаш треба:

-Да можеме да се воздржиме во оние моменти кога нервозата владее во нашиот организам;

-Да му помогнеме на оној на кој што му треба доза разговор и искрен пријател;

-Да подадеме рака на оние кои што во себе се чувствуваат осамено, повлечено и тивко;

-Стилот на живот и исхраната да се доведе на највисоко ниво, бидејќи важи за една од важните фактори кога станува збор за агресивност;

-Родителите секогаш да се информираат за здравјето на детето, преку разговор да дознаат што го мачи и што го прави да се чувствува нервозно;

-Да се намали гледањето на насилни содржини во текот на пубертет;

-СЕКОГАШ конфликтот или кавгата да бидат решени на ВЕРБАЛЕН НАЧИН;

-Да се научиме да изброиме до десет во моменти кога е најважно.

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods