Анксиозност, Депресија

Анксиозност - Трансгенерациски обрасци на пренесување

Постои можност анксиозноста да се научи преку идентификација и имитација на анксиозни модели од родителите. Тоа се нарекува повторување на трансгенерациски образци.

Маријана Софронијоска Тинтар | 24-Jul-2021

Анксиозност - Трансгенерациски обрасци на пренесување

Најчест начин на пренесување на некои модели кои ги учиме или трансгенерациски обрасци, се наоѓа во примерите во кои се забележуваат исти професии кај родителите и децата во неколку генерации, како познати фамилии на музичари, на правници итн. (Bajraktarevic, 2020).

Трансгенерациските пораки кои се пренесуваат преку обрасците се поврзани со животните уверувања и однесувања и несомнено се присутни во формирањето и развојот на личноста на секој поединец. Се разбира дека личноста и личносните црти се битни за тоа како ќе се сфати и доживее анксиозноста.

Доколку дрвото (прикажано на сликата) го претставува поединецот во чија база се сите пораки кои трансгенерациски ги добивал и сеуште ги добива од своите родители, стеблото ја претставува силата, интегритетот и идентитетот на личноста (самодоверба и себеценење). Крошната би била причини, симптоми и ситуации до кои поединецот доаѓа во животот и со кои треба да се соочува. Со други зборови, колку трансгенерациските пораки биле подеструктивни и подисфункционални, толку стеблото ќе биде послабо, а крошната може и да претставува закана во некој момент.


Уверувања кои можат да се пренесат со трансгенерациските пораки

Недоверба - луѓе кои се воспитувани со пораки дека не треба да му веруваат на никому, дека светот е опасно место.

Злоупотреба - злоупотребуваните деца многу често бегаат во две крајности, или стануваат некој кој премногу попушта или стануваат и сами злоупотребувачи (во комуникација се цинични саркастични, агресивни).

Зависност - луѓе кои се зависни од другите луѓе, не можат да донесат ниту една одлука и постојано бараат потврда од другите луѓе затоа што во детството добивале пораки дека не се доволно спремни, нивните одлуки не се добри и цел живот се борат со тоа дали да ѝ веруваат на својата одлука бидејќи имаат страв од грешки.

Превиски стандарди - луѓе на кои што родителите премногу им барале за да ги оценат како добри (те сакам само ако си добар ученик) и како последица на тоа, создаваат лошо чувство за себе и веруваат дека тие не се ни најмалку вредни.

Социјална изолација - чувство и верување дека нема никаква лична вредност, што резултира со затворање во себе.

Емоционална депривација - луѓе кои се плашат да покажат емоција затоа што пораснале  со порака дека не треба да покажуваат емоции и љубов бидејќи веруваат дека луѓето ќе ги повредат.

Ранливост - луѓе кои биле премногу заштитени како деца – заштитата резултира со недостаток на одбранбени механизми, а реакцијата на стресот не постои бидејќи секогаш некој ги штител; се јавува тенденција сѐ да се преувеличува и да се драматизира.

Неуспех - луѓе кои стекнале животен образец дека само успехот е нешто врз основа на што можат да изградат идентитет. Доколку немаат сили да ги задоволат очекувањата за успех на сите во околината, неуспехот се преувеличува.

Подредување - луѓе кои растеле во околина во која им е барано да се подредуваат и да им угодуваат на сите – мислат  дека со своите постапки треба да купуваат љубов. Постојано покажуваат нешто за да бидат сакани.

Незадоволство - луѓе кои биле изложени на пораки дека каков и успех да постигнале, секогаш има некој кој е подобар.

Привилегирање - луѓе кои научиле да бидат центар на светот и доживуваат огромна фрустрација кога ќе сфатат дека не се.

Напуштање - оние кои биле напуштени – од било кого, продолжуваат да живеат во страв дека дека напуштањето ќе продолжи.


Според сфаќањето дека анксиозноста може да се научи преку идентификација и имитација на анксиозни модели од родителите, доколку сме добивале дисфункционални пораки, ќе бидеме програмирани да го повториме трансгенерацискиот образец во некоја животна ситуација: ако сум некој кој пораснал со образец на преголема заштита – станувам премногу ранлив за да се соочам со суровоста на светот и веројатно ќе се соочам со анксиозност придружена со мисли како - јас овде не можам да успеам, не можам да се пронајдам, никој не се грижи за мене, сам сум и сл., или ако имам превисоки очекувања – од себе и од другите и сум зацртал дека ќе бидам одличен ученик, а во моментот немам доволно енергија да го сторам тоа, тогаш амбициозноста би предизвикала анксиозност. Амбициозните луѓе се најчесто анксиозни – нивните желби, цели и поставените очекувања, некогаш се многу поголеми од моменталните и реалните капацитети за нештото да се оствари.

Тука се и стравовите кои ги носиме со нас, страв од смрт, страв од болест, страв дека нема да го оствариме она што го сакаме, страв дека ќе ги разочараме сите околу нас. На дневна основа низ нашата глава поминуваат многу мисли, а доколку најголемиот дел од нив се повторуваат и претставуваат когнитивна дисторзија и ако најголемиот дел од тие мисли е негативен, ние сме одличен кандидат за анксиозност. Како што беше истакнато и на почетокот, кај секого причините за појава на анксиозноста се различни.

Суштински дел за разбирање на анксиозноста е да се сфати дека анксиозноста не е судбина туку животна формула која како што настанала така може и да исчезне, но само тогаш кога ќе сфатиме што е тоа што нѐ прави анксиозни, и работите (обрасците, пораките, уверувањата) ги наречеме со вистинско име т.е ги откриеме.  

Целите кои ги поставуваме пречесто се и превисоки. Премногу сме навикнати на критики од другите и критиките од себе што поттикнуваат страв и тага. Сето ова воедно се и причини и последици на анксиозноста. 

(Види повеќе на следниот линк, за тоа како да ја надминеме анксиозноста)

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods