Личен раст и развој

Емоционална интелигенција

Емоционалната интелигенција е способост за следење и разликување на сопствените чувства и емоции и чувствата и емоциите на другите луѓе, при тоа користејќи ги тие информации како основа за мислење и однесување

Виолета Георгиевска | 02-Apr-2021

Емоционална интелигенција

Емоционалната интелигенција  е дефинирана како способост за следење и разликување на сопствените чувства и емоции и чувствата и емоциите на другите луѓе, при тоа користејќи ги тие информации како основа за мислење и однесување (Salovey и Mayer, 2003).

Според Goleman, емоционалната интелигенција ја сочинуваат некогнитивни способности, компетенции и вештини кој влијаат на способноста на личноста да одговори на барањата и притисоците од околината.  

Емоционална интелигенција е разбирање на себе, разбирање на другите, способоност на препознавање на сопствените емоции и емоциите на другите луѓе, вештина да се користат  тие информации во градење на односи со другите луѓе на задоволителен начин. Со други зборови, ако си „емоционално интелигентен“, тогаш ги користиш информациите на ефикасен и осмислен начин.

Емоционалната интелигенција во еден дел се стекнува со генетско наследство, но поголем дел низ процесот на учење.

Според Goleman, емоционалната интелигенција се состои од 5 компоненти или чекори и тоа:

Прва компонента е самосвеста,  спoсобност прецизно да ги забележиме своите емоции во одреден момент.  Потребно е да размислеме за своите емоции, да ги именуваме и да одговориме поради што ги чувствуваме.  

Втора компонента е саморегулацијата, способност да ја употребиме свесноста за своите емоции за да адекватно го насочиме своето однесување. Пример, свесни сме дека сме лути и размислуваме што да направиме - дали да се повлечеме или да ја искажеме лутината.

Трета компонента е емпатија, способност да се забележат и разберат емоциите кај другите луѓе и да сочувствуваме со нив.

Четврта компонента е самомотивацијата, страст или желба со енергија да ги правиме работите до постигнување на целите.

Петта компонента се социјалните вештини, меѓусебни односи кои вклучуваат три компоненти: свесност за своите, свесност за туѓите емоции и успешно да се одговори во интеракцијата со другите. Откако ќе ги преознаеме емоционалните доживувања на себе и другите, може да изградиме автентичен однос на искрено разбирање и уважување.

 

Зошто е толку важно да поседуваме емоционална интелигенција?

 

Бидејќи ја зголемува нашата самодоверба. Сигурноста во себе пак ја зголемува нашата самосвест да живееме живот кој има значење, како и да тежнееме и да имаме способност кон постигнување на целите.

Емоциите потребно е да ги контролираме и употребиме во конструктивни и продуктивни цели.

Пристојното реагирање во ситуации кога ситуацијата е напната и сме вознемирани е способност за ефикасно комуницирање.  Ова може да биде и добар модел за другите во интерперсоналната комуникација и може да ги поттикне на размислување, а понатаму и увид и учење.

 

Доколку сметаме дека нашите реакции во одредени ситуации се неефикасни, тогаш потребно е да ја подобриме нашата емоционална интелигенција, на ист начин како што ги градиме другите наши вештини, преку учење и вежбање.

.

Како да ја подобриме нашата емоционална интелигенција?

 

1. Најпрвин е потребно да ја идентификуваме емоцијата во моментот додека ја чувствуваме и  да ја именуваме преку запишуање на емоцијата коа е предизвикана во одредена ситуација или која е предизвикана во односите со луѓето  Пример: радост, тага, страв, лутина, бес, вознемиреност, нетрпение, стрес.

2. Потоа да размислиме во која одредена ситуација сме ја имале таквата емоција. (Пример, поранешен конфликт кој го имав со некоја личност, вознемиреност дека лошо сум изреагирал/а во одредена ситуација и слично).

3. Откако ќе ја идентификувам  емоцијата и нејзината заднина, потребно е да ја прифатам како дел од емоционалниот раст и развој.

4. Потоа, потребно е да размисллам како другите ме доживуваат. (Пример: како избувлива или нечувствителна личност, како личност која лесно се вознемирува или како личност која умее да се воздржува …?).

Именуваната емоција и тоа што ја предизвикало, добро е да ја споделам со особа во која имам доверба. Признавањето на емоцијата која ја носиме во себе, може да вклучи извинување и објаснување на луѓето кои сметам дека се некако засегнати од истата.

Преку учење и вежбање може да ја подобриме нашата емоционална интелигенција Нашата способност за идентификување и контрола на нашите емоции можеме да ја употребиме во сите сегменти во нашето секојдневно живеење.

Семејството претставува прва работилница на емоционалното учење, кое треба да биде усмерено еднакво – како на децата, така и на родителите.

Развојот на емоционалната интелигенција кај децата овозможува да израснат слободно, да размислуваат, одлучуваат и се чувствуваат самостојно, а своето однесување да го ускладат со своите емоции.

Во партнерскиот однос потребно е да се препознае почитување и љубов. На тој начин се гради доверба, поттик и поддршка. Партнерството е жив енергетски систем и за да се одржи неопходно е константно емоционално усогласување.

Постои позитивна поврзаност помеѓу емоционалната интелигенција  и работниот учинок. Вештините на емоционалната интелигенција се значајни за лидерство, тимска работа и позитивна клима на организациско ниво. Луѓето кои секојдневно работат на исти задачи со нивните колеги во тимови, потребно е да имаат взаемна толерантност и функционална комуникација, за да се справат со различните гледишта на секоја индивидуа. Взаемната почит и разбирање, гради позитивни интерперсонални релации.

Доколку не се согласуваме со одредена состојба,  доколку секој од соговорниците си го задржи своето милење и став подолго време, тогаш состојбата станува напната и неконструктивна, а сето тоа води кон нефункционална комуникација. Истата е непродуктивна во сите нивоа на живеење, на ниво на системот и потсистемите  (семејство, деца,  партнерски односи, работа, пријатели..).

Важно е во таква ситиација да бидеме емпатични кон чувствата на другите, за да работите тргнат во нагорна линија. Имено, доколку сочувствуваме со одредени гледишта кои се различни од нашите, тоа не значи дека се согласуваме со нив. Но, потребно е љубопитно да поставиме прашања, потоа да објасниме како тоа сме го разбрале, употребувајќи, „јас од ова што го кажавте разбрав дека...“. На ваков начин ќе дадеме пример и сугестија за тоа како може одредена ситуација да се разреши со помош на поголема сочувствителност од страна и на другите кои се соучесници во таа ситуација.


;

Можеби ќе те интересира

payment-methods