Без пардон

Феноменот на новогодишна еуфорија

Без разлика дали украсувањето дома ви останало од детството и ве потсетува на топлиот дом или пак сте мотивирани да ја накитите елката како оние на божиќните филмови, на крајот елката ќе извлече насмевка од вас и ќе ви направи чувство на задоволство, затоа што во двата случаи елката асоцира на топлина и таа топлина ќе се пренесе во вашиот дом, слично како чувството на радост кога ќе се насмеете.

Maja Ivanova | 01-Dec-2022

Феноменот на новогодишна еуфорија

На социјалните мрежи веќе гледаме накитени елки, се спремаат подароци, во маркетите и моловите почнуваат попусти, а рафтовите се полнат со новогодишни украси и подароци.
Гледајќи ги елките на инстаграм и восхитувајќи се колку се перфектно накитени, ми се постави прашањето, дали накитената елка е таа која носи чувство на задоволство или задоволството е во нас, а ние го рефлектираме на елката? 

Веројатно двете.

Слично како со насмевката, се смееме кога сме радосни, но постојат научни докази и за инверзно делување, односно доколку се насмееме без причина, во нас ќе се разбуди чувството на радост. Тоа е така заради хормонскиот систем на телото, кој не знае дали се смееме бидејќи нешто нѐ направило радосни или се смееме за да станеме радосни. Самата физичка насмевка му кажува на организмот дека сме радосни, а за возврат се лачи хормонот на среќа. Можеби не со ист интензитет, но сепак се лачи. Како и да е, ефектот е сличен. Ќе изгледате многу подобро во моментите на лошо расположение доколку се насмеете без причина.

И сега додека пробувате што ќе се случи ако се насмевнете без причина, да го разгледаме феноменот на новогодишна еуфорија. 

Без разлика дали украсувањето дома ви останало од детството и ве потсетува на топлиот дом или пак сте мотивирани да ја накитите елката како оние на божиќните филмови, на крајот елката ќе извлече насмевка од вас и ќе ви направи чувство на задоволство, затоа што во двата случаи елката асоцира на топлина и таа топлина ќе се пренесе во вашиот дом, слично како чувството на радост кога ќе се насмеете.

Значи не е толку битно како изгледа елката, туку нејзиното значење на топлина која ја сите ја посакуваме, а таа топлина потекнува од љубовта на нашите блиски, од сеќавањата на моментите кога сме славеле нешто, моментите кога сме се чувствувале среќно и кога сме имале насмевка на лицето, а сега сакаме повторно да го доживееме тоа.

Затоа е многу битно украсувањето. Затоа градот изгледа поубав и потопол кога е украсен. И сигурно ќе се согласите дека заштедената електрична енергија нема да го надомести ова чувство на еуфорија и топлина, кое ќе го донесат новогодишните украси и базари. 

Скоро прочитав една мисла: "Не е битно што има под елката, туку кој има околу елката".

Навистина е така. Новогодишните подароци нема да имаат значење доколку не се подарени со љубов, односно не се од луѓе кои нам ни значат. Но, тоа не значи дека луѓето кои заради некоја причина во моментот не се со своите блиски не треба да ја украсат елката.
Напротив, таа ќе ви донесе пријатни сеќавања и ќе ви внесе топлина во домот. Не дека ќе ги замени луѓето кои недостасуваат, но ќе донесе енергија која барем малку ќе ви го стопли срцето.

Уште една причина зошто да украсуваме е дека украсувањето асоцира на славење.

Секојдневните грижи и обврски толку нѐ обземаат, што не си дозволуваме да застанеме и да погледнеме до каде сме и колку сме среќни. Да го доживееме овој момент и да се почувствуваме исполнето. Наместо тоа, само трчаме и трчаме, по демек поставени цели, кои кога ќе ги оствариме сфаќаме дека и не нѐ прават толку среќни.

Затоа е битно на моменти да успориме, ако не и да закочиме, да се погледнеме себеси, да си дозволиме да се смееме без причина, да бидеме со нашите блиски, да си поиграме со детето, да го погалиме миленичето, да прошетаме, да купиме украси, да ја накитиме елката и да прославиме за сѐ што до сега сме оствариле.
И без разлика колку е тоа малку, да прославиме за тоа дека живееме, затоа што тоа е најголемиот дар, животот. Да прославиме за сѐ што имаме, да бидеме благодарни и да покажеме дека го цениме.
Славењето на малите нешта влијае на нашиот потсвесен систем како награда, а на тој начин во нас се буди волјата за нови подвизи.


Па така, доколку размислувавте дали да украсите годинава, сетете се дека елката и украсите ќе ви донесат топлина и насмевка, ќе ве потсетуваат на сите убави моменти и славења и ќе ве поттикнат да размислите што е битно во вашиот живот.

Што е тоа што навистина ве исполнува?
Дали достигнатите професионални цели ве исполнуваат до крај?

Дали си дозволувате време за себе и блиските?
Дали им подаривте прегратка и момент на присутност или немавте време бидејќи имавте "обврски"? 


На крајот од оваа година да се потсетиме на вистинските вредности, да видиме кои се луѓето околу елката, да прославиме со нив, да се смееме, затоа што новогодишната топлина и магија само така ќе продолжат да живеат. 


Па, да купиме украси...

 

Автор: Маја И. Цеков

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods