Без пардон

Глушецот и тркалото

После осварување на целта, среќата и задоволството траат три дена, ако не и помалку, и потоа пак се враќаме на старото тркало, како глушец во кафез, каде бркаме и бркаме одново нови цели.

Our Mind | 29-Jul-2022

Глушецот и тркалото

Сите во животот се соочуваме со падови. Тоа е сосема нормален дел од нашиот живот, инаку би бил права линија и не би имало никкава смисла да се живее. Во суштина падовите се тие кои нѐ држат будни и кои ни даваат мотивација и сила да тргнеме пак нагоре.

А што се однесува до линијата на животот, сигурно ќе се согласиме дека не е права, но и ако е крива, тогаш не е нагорна крива, туку е веројатно некоја замрсена линија, која нема строг почеток и крај и нема цел на крајот од патот. Целите се по патот.

Велат дека врвот на една планина е подножје на друга.

Така и со животот и целите. Ќе зацртаме некоја цел и се стремиме со сите сили да ја оствариме, мислејќи дека откако ќе ја достигнеме, ќе бидеме среќни засекогаш. Но, за жал, или за среќа, не е така. Откако ќе достигнеме некоја цел, веднаш зад аголот се крие нова цел, која бара исто напор, ако не и повеќе од претходната.

И така тргнуваме кон таа цел, работиме напорно и пак мислиме дека кога ќе стигнеме до врвот на истата, ќе доживееме среќа или барем нешто приближно, како олеснување.

Среќата и олеснувањето траат нешто како три дена, ако не и помалку, и пак се враќаме на старото тркало, како глушец во кафез, каде бркаме и бркаме одново нови цели.

И пред да се запрашате која е поентата на текстов и дали ова значи дека треба да се откажете од целите и да си гледате телевизија, поентата на текстот е дали воопшто застануваме да погледнеме до каде сме стигнале и дали ги цениме до сега остварените цели.

Со оглед на тоа дека најголем дел од денот, а со тоа и животот, го поминуваме низ потсвеста и автоматски научените одговори на функционирање, многу е веројатно дека само мал дел од луѓето посветуваат внимание на себе и на тоа да бидат свесни до каде се, како стигнале таму и каде би требало да продолжат.

И најчестиот изговор е: „Немам време.“

„Немам време да седнам и да размислам до кај сум во животот, што сум направил/а и што сакам да направам, затоа што сум посветен/а на остварување на цели.“

А целите се за некој друг?

 

 

цели

 

И вака збунети си тераме низ животот, не размислувајќи и не градејќи стратегија што сакаме да постигнеме, за КОГО го правиме тоа постигнување (бидејќи често дел од целите ни се општествено наметнати), ниту знаеме како целта влијае на нашата добросостојба, дали навистина нѐ исполнува и дали на крајот од патот ќе бидеме задоволни од неа, или само трчаме, како глушецот на тркалото во кафезот.

И така цел ден трчајќи, попладне се чудиме зошто немаме енергија за да размслиме за себе, туку гледаме во една точка на ѕидот.

 

Па, како да го одмориме тркалото?

Една од најбитните работи за постигнување добросостојба е искажување на благодарност.

Сѐ додека чекориме низ животот, не знаејќи што СЕГА имаме, секогаш ќе бидеме незадоволни. Првин да бидеме благодарни на работите кои дефинитивно немаат цена, а тоа се нашето семејство, кровот над главата, љубовта која ја имаме од нашите блиски, миленичето кое се гали со нас, храната, водата, сонцето... А откако ќе станеме свесни колку работи имаме и без да правиме ништо, тогаш да бидеме благодарни на она што сме го оствариле во кариерата, во финансискиот живот, во општеството итн. И ова не бара време, ниту бара посебно размислување. Бара една реченица која можеме да ја повторуваме секое утро или секоја вечер: „Благодарен/на сум на ....“ И за некое време се случува магија, која се вика задоволство од животот.

Второ, да се запрашаме кои цели се наши, а кои ни се наметнати од општеството. Дали ние сакаме и уживаме да ги правиме или ги правиме бидејќи некој рекол така, „така треба“ или општеството поставило таква норма. Пред да се залетаме во некоја цел како бркање на титула, треба да се запрашаме колку таа ни значи на нас и ако се оттргнеме од ова општество и ако „никој не нѐ гледа“ дали сеуште ќе бидеме посветени на таа цел. И вториот начин да го дознаеме ова е да запрашаме дали таа цел би ни била вредна ако утре ни завршува животот.

На што ќе се посветиме ако утре е нашиот последен ден? Верувам дека би ги отфрлиле 90% од работите и би се посветиле на оние базичните вредности, кои всушност не се купуваат. Ова не значи дека не треба да остваруваме цели, туку едноставно да ги цениме и да посветиме време на работите кои навистина ни значат.

Трето, после зацртување на целите, многу е битно да се избере една цел во моментот. Една по една и да се посветиме максимум во остварувањето. Една по една. Доколку не сакаме да прегориме и доколку не сакаме да вртиме цел ден на тркалото кое нема почеток и крај.

И четврто, посветеност. За да ја оставриме целта битна е посветеност. Максимална посветеност. А максималната посветеност бара време, фокус, стратегија и строго дефинирани чекори. Постои техника која се вика SMART (Specific, Measurable, Achievable, Relevant, and Time-Bound), која ни укажува на тоа дека мораме да одиме чекор по чекор, една помала цел, која можеме да ја измериме и што ќе ја ограничиме временски во остварувањето. И стратегија, со план на изведување кој вклучува и слободно време за себе и за нашите блиски. (да не ја забораваме втората точка).

Ако имаме дефинирани цели кои не исполнуваат, ако направиме стратегија како да ги оствариме и ако одвоиме време за себе и за нашите партнери, деца, родители, пријатели..Ако одвоиме време да почувствуваме дека ние веќе сме среќни, тогаш неминовно нашиот живот ќе биде исполнет. Нема да се чувствуваме преморени од животот и ќе уживаме во секој момент. И кога остваруваме и кога одмараме и кога трчаме во дворот со децата...

„Да работиш нешто што го сакаш се вика пасија, во спротивно се вика стрес.“ – Сајмон Синек

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods