Училишна Психологија

Како до полесно усвојување на читањето?

Кои активности го забрзуваат и олеснуваат процесот на усвојување на читање?

Рената Максимова | 14-Oct-2021

Како до полесно усвојување на читањето?

Читањето како сознаен процес започнува кај секој поединец уште од најмала возраст, како основа преку која понатаму  се поставуваат темелите на успешно самостојно учење и поттикнување на мисловниот тек. Читањето ни овозможува осознавање на значењето на предметите и појавите од нашето непосредното опкружување. Преку поставување во улогата на ликовите од текстот развиваме свесност за видовите емоции и нивното значење во секојдневното живеење.

Во буквална смисла читањето  се однесува на препознавање и поврзување  на значењето на пишаниот збор со изговорениот. Основа за развојот на овој процес претставува брзината на усвојување на говорот и флуентноста во неговото изразување. Оттука и динамиката на читањето произлегува и се надоврзува на развојните и индивидуалните карактеристики на самото дете.



Кои активности го забрзуваат и олеснуваат процесот на усвојување на читање?

Многумина читањето го поврзуваат со тргнувањето во училиште, но реалноста е дека тоа започнува многу порано. Читањето започнува уште во предучилшна возраст и минува низ неколку  фази.

Првата фаза се состои во визуелно перцепирање на зборовите кои детето ги регистрира како симболи и најчесто се однесуваат на имиња на некои производи, поими и предмети. Во оваа етапа детето напамет и  глобално го учи значењето на зборот кој го поврзува по боја, форма, позадината - каде и како е претставен. Независно што изостанува поврзувањето  на гласот со знаковниот симбол – буква, оваа е значајна и воведна фаза во читањето. Затоа е неопходно во секојдневието на детето да бидат присутни во поголема мера сликовници и книги, кои покрај со пишан збор ќе изобилуваат и со визуелни претстави кои детето ќе може да ги поврзува едни со други, а воедно и да го проширува својот речник на зборови.

Карактеристично за  втората фаза од развојот на читањето е создавањето на т.н фонолошка свесност кај детето. Таа подразбира развој на свесност дека реченицата претставува целина која се состои од повеќе зборови, зборовите се расчленуваат  на слогови кои пак се  составени од неколку гласови/фонеми. Со цел поттикнување на фонолошката свесност како клучна алка за усвојување на следното ниво на читање и нејзино зајакнување, пожелно е употреба на рима во изразувањето. Преку римата се олеснува и проширува усвојувањето на повеќе зборови  со различно значење кои меѓу себе имаат  гласовно совпаѓање .

Во следната фаза детето го совладува фактот дека секој глас има свој визуелен симбол наречен буква, со што започнува и развој на вештината за декодирање.



Како да се надминат тешкотиите при процесот на читање?


Неминовна е појавата на тешкотии при совладување на читањето која се јавува во форма на промена на редоследот на буквите,  испуштање или додавање на некоја буква, неможност за брзо изговарање на новите и повеќесложни зборови и сл. Со  континуирано  вежбање се продлабочува и зајакнува вештината на читање, која во зависност од интересирањата и карактеристиките на детето се развива со различно темно и интензитет.

Битен аспект при процесот на читање е да се излезе од рамката на автоматско, механичко поврзување на буквите и препознавање на зборовите и да се поттикне мисловниот тек преку кој ќе ѝ се даде значење и смисла на прочитаната содржина. По читањето поставувањето на прашања од типот „Кој? Што? Каде? Кога?“ се алка која ќе ни даде слика колку детето ги има воочено деталите од текстот, кои би требало да ја објаснат појдовната идеја, причинско-последичните односи и редоследот на случувањата во него.

 


;

Можеби ќе те интересира

payment-methods