Психологија

Когнитивна дефузија

Сите имаме тенденција премногу да се идентификуваме со нашите мисли, засилувајќи ги мислите во нашите умови до степен да ги прифатиме со статус на „факти“ и „вистини". Кога ние веќе ќе се навикнеме да мислиме на овој начин, самите мисли можат да добијат премногу моќ и да станат преконтролирачки спречувајќи нè од гледање на други опции и перспективи.

Анастасија Георгиевска | 21-Dec-2022

Когнитивна дефузија

Што можам да превземам?

Научете да се повлечете од мислите.

Когнитивната дефузија се однесува на:

−  перцепирање на самите мисли, наместо целата перцепција да ни биде обликувана од нив

− забележување на мислите наместо заврзување во нив и прифаќање како да се апсолутна вистина

− дозволување на мислите да доаѓаат и да си одат отколку „закачање” за нив

Целта на когнитивната дефузија е да ви овозможи да бидете свесни за актуелниот процес на вашето размислување за да можете подобро и пообјективно да ги рефлектирате вашите мисли во надворешниот свет.

 

Вежбање на когнитивна дефузија

Можете да вежбате когнитивна дефузија на различни начини. Обидете се да ги извежбате секоја од доленаведените техники. Посветете по 30 секунди за секоја техника и забележете ја промената во однос на моќта на мислата, пред и по самата вежба.

 

Техники за когнитивна дефузија

 

Надворешен глас

Место да кажете „Ќе пропаднам”, кажете си,„Јас ја имам мислата дека ќе пропаднам”, на овој начин креирате простор помеѓу вас и самата мисла.

 

Именувајте ја приказната

Ако сите мисли и чувства од овој вид беа склопени во филм или приказна со име, како би го крстиле? Како на пример „Приказната во која што пропаѓам” или „Приказната во која никој не ја сака мојата приказна”.

 

Искуцајте ја мислата

Замислете ја мислата на голем компјутерски екран и почнете да си играте со неа менувајќи го фонтот, бојата и форматот.

 

Лоша реклама

Замислете како вашата негативна мисла е како интернет „pop-up” реклама што се појавува во форма на мало прозорче. Вежбајте да го затворите тоа прозорче.

 

Патници во автобус

Замислете си дека возите автобус. Третирајте ги негативните мисли како некултурни, досадни и гласни патници. Дали можете да продолжите да возите безбедно по патот, отколку да застанувате секогаш кога тие сакаат и да се обидувате да ги избркате? Можете ли да останете фокусирани на патот стигнувајќи до вашата преферирана локација?

 

Кажете ја мислата пополека

Кажете ја мислата во забавено темпо. Што забележувате во врска со моќта што ја носи таа мисла сега?

Дали е исто толку незгодна како што беше пред да ја практикувате оваа стратегија?

 

Листови во река

Кога ќе дојде негативната мисла – замислете си како ја ставате на лист од дрво и листот од дрво го ставате на површината на мирна река. Гледајте ја реката и погледнете како листот од дрво полека исчезнува со протокот на водата.

 

Заблагодарете му се на умот

Следен пат кога ќе ви дојде таква мисла, кажете му на умот: „Фала ти за тоа мозоку!”

На крајот на денот, вашиот мозок смета дека ви помага.

 

Носење картички

Запишете ги вашите негативни мисли на мали картички/листови од хартија и носете ги со вас. Тоа помага да видите дека можете да ја носите вашата животна приказна и вашите мисли со вас без да ја изгубите способноста за контрола врз вашиот живот.

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods