Без пардон

Која е пораката на народните песни?

За нација која секојдневно доаѓа во допир со својот фолклор: (слушање и пеење народни песни за време на секаков вид прослави, па дури и додека се извршуваат дневните обврски) навистина немаме обратено доволно внимание на суштинските значења на овие текстови и како тие влијаат врз нас и нашите ставови. Од тука би сакала да разгледаме три народно-македонски песни на тема „љубов/романтика“ и детално да ги анализираме пораките кои тие се обидуваат да ни ги пренесат. 

Ана Марија Павлова | 05-Aug-2022

Која е пораката на народните песни?

Често се вели дека фолклорот е еден од клучните богатства на една земја. Од народните песни и поеми можеме да ја согледаме историјата на народот, како тој живеел, со кои предизвици се соочувал и слично. Вистина е дека ваквите творби во себе носат тешки емоции и опширни описи за тогашното секојдневие, но дали тоа значи дека како такви треба да ги примиме здраво за готово како реални и за денешната состојба? 

За нација која секојдневно доаѓа во допир со својот фолклор: (слушање и пеење народни песни за време на секаков вид прослави, па дури и додека се извршуваат дневните обврски) навистина немаме обратено доволно внимание на суштинските значења на овие текстови и како тие влијаат врз нас и нашите ставови. Од тука би сакала да разгледаме три народно-македонски песни на тема „љубов/романтика“ и детално да ги анализираме пораките кои тие се обидуваат да ни ги пренесат. 

 

1. „Сите девојчиња, мамо, се мажија“ 

Оваа песна беше избрана прва бидејќи текстот го мами слушателот/читателот кон еден заклучок во првата строфа, за од втората да ја открие вистината на ситуацијата, а во третата целосно да го шокира. Тој гласи вака: 

 

Сите девојчиња, мамо, се мажија,

Најубави момци зедоа;

А јас најмалата, најубава мома,

Си останав, мамо, без к'смет.

Јас си го зедов младото бекривче,

Што ми пие вино, ракија,

Везден ми оди, мамо, по меани,

Пие, лумпува, лумпува до зори.

Сека вечер, либе, одам по меани,

Се за таа пуста ракија,

А кога се враќам, либе, од меана,

Удри, мавај, мавај по мене.

                (Превземено од: ВикиИзвор)

Првата строфа ни го открива авторот на песната. Станува збор за девојка која навидум сеуште не е мажена.Таа ги искажува своите фрустрации со тоа што се жали на својата мајка велејќи дека „нема среќа“ бидејќи иако е најубава и најмлада, сеуште не се нашло прикладно момче за нејзе како што е случајот со „сите други“ девојки.

Уште од почеток оваа песна го наметнува ставот дека среќа=брак и ако сите други го имаат превземено тој чекор а ти не, веројатно не си исполнет и „ѕвездите не ти се наместиле.“

Всушност, според истражувањата на научникот Пол Долан, ова не може да биде по далеку од вистината. Во своите долгогодишни истражувања, Долан открива дека најсреќната подгрупа од популацијата се жени кои никогаш не се омажиле и никогаш немале деца. Но, не знаејќи ги овие факти, илјадници девојки дури и да немаат желба за брак или раѓање деца и натаму ќе бидат притискани од своите блиски со прашањата за тоа кога ќе си фатат дечко, кога ќе се мажат и така натаму.

Интересно е што песната продолжува со осврт во втората строфа со која на некој начин го потврдува горе наведеното, односно авторката открива дека таа не е без среќа бидејќи  е немажена, туку бидејќи го направила погрешниот избор. Таа се омажила за човек кој всушност имал поголем интерес за забава отколку за неа и нивната врска. Ова го поттикнува прашањето: Зошто се одлучила доживотно да му се посвети на овој човек, ако знаела дека тој нема да ѝ одврати со истото? Често пати и во секојдневието можеме да ги видеме ваквите парови кадешто едниот очајно се надева дека другиот ќе се промени, но тоа никако не се случува. Како резултат тој првиот си останува во улога на „маченик“ а другиот си тера како си сака.

Но, нели, штом ова се споменува во песна која секојдневно се пее, тогаш мора да е нормала во бракот.

И тоа продолжува да е прифатено верување меѓу денешните девојки: „Ако навистина го сакаш, ќе истрпиш.“ 

 

???

зачуденост

 

На крај доаѓаме до последната строфа која ни ја открива целосната вистина за оваа тажна песна, за која е чудо што е со таква весела мелодија. Третата строфа ни кажува дека всушност во овој брак се одвива насилство. Нешто кое во никој случај не треба така лесно да се разбере а помалку пак да се пее. Овде ја разбираме несреќата за која ни зборува авторката, но сепак и тука мораме да се запрашаме зошто таа ова го издржува и што превзема за да си ја заштити својата благосостојба? Единственото добро нешто е ако целата оваа песна е повик за помош за таа да се оттргне од  токсичната средина.

Прашањето сепак останува: како може песна со ваков текст да се пее на веселби, особено свадби каде што двајца се заветуваат на вечна љубов и почит? Дали толку слепо ги прифаќаме традициите и фолклорот што веќе не ни обрнуваме внимание на нивните значења? Или пак толку ни е секојдневна ваквата ситуација што не ни смета да испееме песна за неа……?

 

2. „Не кажувај либе добра ноќ“

Втората песна на оваа листа е една која несомнено дава збунувачка наратива. Текстот е следниот: 

Не кажувај либе добра ноќ

не оди дома рано ти,

најзгодно време е во ноќта

прекрасна е оваа ноќ за нас. 

Сите спијат а ние сме сами

користи драги ти мене,

милувај бакнувај бескрајно

волшебна е ноќ за љубење. 

Јас знам дека друга љубиш ти

јас знам дека друга мамиш ти

срцево мое е за тебе

и не би го дала јас за друг. 

За мене пролет не развива

за мене цвеќе не цути

за мене ти си прва љубов

и последна ќе ми бидеш ти.

                (Превезмено од ВикиВизор)

Пораката на оваа песна може да се подели во два дела.

Првиот дел е составен од првите две строфи и доколку не се ислуша песната до крај, само од овој дел би дала впечаток на скоро прикладна поема за двајца лудо вљубени поединци. Но, кога би ги додале и вторите две строфи, јасно може да се воочи безумството во ситуацијата.

Најпрво, во втората строфа се употребува зборот „користи“ зборувајќи за личност, наместо за предмет, но во контекстот на целата строфа можеме да го препишеме на заљубеност и неразумно размислување, иако тоа никогаш не треба да биде оправдување.

Но, она кое што е несфатливо во ситуацијата се 3тата и 4тата строфа каде што девојката признава дека иако знае дека ова момче не ги одвраќа нејзините чувства, таа сепак ќе го љуби момчето и нема да се обиде да најде некој кој ќе ја цени. Овде очигледно се употребува одбранбен механизам на неприфаќање на целата ситуација преку негирање на одредени делови.

Според истражувањата на Чери (2021) ваквата постапка може да доведе до зголемени симптоми на депресија и анксиозност.

 

И повторно се среќаваме со прашањето: Зошто би охрабрувале вакви однесувања со тоа што секојдневно ги пееме ваквите песни? Дали сме свесни за пораката која тие ја пренесуваат? Дали би ни било сеедно ако некој близок до нас заглави во ваков круг на невозвратена љубов проследен со анксиозност и депресија…?

 

 

3. „Назад, Калино моме“

Последната песна која ќе ја разгледаме може да се класифицира и како таа со најлоша порака од овие три. Нејзиниот текст гласи: 

 

Назад, назад, Калино моме,

немој да одиш по мене.

Кај нас си има висока гора,

не ќе можеш да ја поминеш.

Кај нас си има висока гора,

не ќе можеш да ја поминеш.

Ќе се сторам јас сокол пиле

и пак кај тебе ќе дојдам.

Гора ќе прелетам, кај тебе ќе дојдам,

вечно твоја ќе бидам.

Гора ќе прелетам, кај тебе ќе дојдам,

вечно твоја ќе бидам.

Назад, назад, Калино моме,

немој да одиш по мене.

Кај нас си има длабока река,

не ќе можеш да ја поминеш.

Кај нас си има длабока река,

не ќе можеш да ја поминеш.

Ќе се сторам јас мрена риба

и пак кај тебе ќе дојдам.

Река ќе препливам, кај тебе ќе дојдам,

вечно твоја ќе бидам.

Река ќе препливам, кај тебе ќе дојдам,

вечно твоја ќе бидам.

Назад, назад, Калино моме,

немој да одиш по мене.

Кај нас си имам убава жена 

и две мали дечиња.

Кај нас си имам убава жена 

и две мали дечиња.

Ќе се сторам јас црна чума

и пак кај тебе ќе дојдам.

Жена ќе ти сотрам, дечиња ќе гледам,

вечно твоја ќе бидам.

Жена ќе ти сотрам, дечиња ќе гледам,

вечно твоја ќе бидам. 

                (Превземено од Pesna.org)

 

Песната раскажува за опсесивната љубов на мома Калина кон својот сакан. За разлика од претходните две песни, во оваа уште од првата строфа јасно можеме да увидиме дека љубовта не е обострана, па затоа момчето ѝ вели на Калина да не оди по него.

Калина продолжува да го убедува дека ќе направи сѐ за тие да бидат заедно. На крај момчето мора да биде многу директен и да и признае на Калина дека тој всушност има своја жена и деца.

Но, ова не ја спречува Калина бидејќи таа решава да оди во крајност „сотрувајќи“ ја жената за да го добие оној кој го љуби.

Иако на некои ова може да им изгледа како голем акт на силна љубов, делото е всушност крајно изопачено, опсесивно и лудо.

Исто, како и во претходната песна и овде јасно можат да се видат знаците на постојано негирање на реалноста дека двете индивидуи не можат да бидат заедно. Дури и кога момчето и кажува за вистинити нешта како за високата гора или длабоката река, Калина цврсто одрекува и се користи со својата фантазија тврдејќи дека може да се претвори во сокол или риба.

 

fantazija

 

Ваквата опсесија е само симптом на поголем проблем кој се одвива во животот на личноста.

Според истажувањата на Лебоу (2022) ова може да потекнува од трауми од детството, проблеми при приврзување (attachment) напуштеност, ниска самодоверба и немање соодветен механизам за справување со стрес.

 

И повторно, наместо да поттикнуваме справување со проблемите и да промовираме здрави меѓучовечки односи, ние решаваме ваквите „драми“ да ги претвориме во песна. 

 

Можеби се прашувате зошто толку детално ги разгледуваме песните, или можеби мислите дека престрого ги осудуваме. Сепак, колку би можеле неколку песни да ни наштетат? Вистината е дека тие имаат големо влијание над нас, особено кога често ги слушаме.

Постои феномен во психологијата кој се нарекува „потсвесно опремување“ кој тврди дека помеѓу 90 и 95% од менталната активност се случува потсвесно. Имајќи го ова на ум, Социер (2009) го проучувал токму влијанието кое музиката го има на луѓето и пронашол дека тие кои слушале патриотски песни подоцна покажале по затворени ставови и низок процент на емпатија, додека оние кои слушале песни од своето детство покажале висок процент на емпатија и биле по дружељубиви. 

Така, од сето ова можеме да заклучиме дека музиката навистина има големо влијание на нашите ставови и гледишта. Особено онаа која постојано ја слушаме и чиј текст го знаеме напамет. Нашата потсвест има голем капацитет да ги складира информациите и од нив да ни изработи (не)разумни идеи. Затоа мораме да бидеме исто толку внимателни што конзумираме со слухот и видот како што и со усните. Без разлика дали се работи за народни преданија или нешто друго.  

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods