Средна возраст

Латерализација на мозокот-мит или реалност?

Латерализација (специфирање/одвојување/определување) поединечно на хемисферите, т.е. тврдење дека тие функционираат независно

Ана Марија Павлова | 26-Oct-2022

Латерализација на мозокот-мит или реалност?

Покрај останатите органи, мозокот продолжува да биде еден од најфасцинантните и најкомплицираните за истражување. Поради неговата популарност, сега добро познат факт е дека функцијата на човечкиот мозок е она што го разликува од другите животни. При испитувања на органот, научниците откриле дека превиткувањето и збрчкањето на кортексот одредува колку некој може да биде интелигентен (Sun, Perrot, Tucholka, Rivière и Mangin 2009). Луѓето се меѓу видовите со најмногу збрчкан мозок, што резултира со повеќе неврони и притоа поголема комуникација помеѓу двете хемисфери (Мајерс, 2005). Иако мозокот може да се мапира со специфични функции, (Бродман, 1909) било откриено дека клучна компонента за правилно извршување на тие функции е поврзаноста помеѓу дветте хемисфери (Klyachko & Stevens, 2003). Овој труд го разгледува истражувањето кое се согласува и она кое не се согласува со теоријата за латерализација на мозокот и дава заклучок врз основа на презентираните факти.

Латерализацијата се однесува на поделбата на мозочните функции на две хемисфери (Mutha, Haaland и Sainburg, 2012). Откако мозокот бил мапиран, било откриено дека одредени делови од мозокот се одговорни за последователни однесувања. Таков е примерот на областа на Брока, лоцирана во левиот фронтален лобус одговорен за јазично изразување и областа на Вернике лоцирана во левиот темпорален лобус, одговорна за разбирање на јазикот (Meyers, 2005). По откривањето дека некои функционални механизми се претежно засновани во една од двете хемисфери, започнала  претпоставката дека некои поединци ќе покажат доминантна употреба на левиот мозок, додека други ќе имаат доминантна употреба на десниот мозок. Најголемите примери кои ја поддржуваат теоријата на латерализација се рачноста, (handedness) употребата на јазикот и креативноста.

Раката е можеби најдобриот пример за разликата во доминантноста на хемисферите, бидејќи левата хемисфера ја контролира десната страна на телото, а десната хемисфера ја контролира левата страна. Пападату-Пастоу, (2011) проценил дека девет од десет поединци се десничари, а нивната лева хемисфера доминира над десната. Студијата тврди дека доминантната рака е еволуирана карактеристика. Ваквите докази сугерираат дека оние кои претпочитаат да ја користат десната рака за пишување се главно „лево мозочни“, а оние што ја користат левата рака се потпираат на десниот мозок. Со цел подобро да се разбере како ова функционира, Саинбург (2014) изјавил дека левата хемисфера контролира стабилно, повторувачко однесување, додека десната хемисфера контролира нагли, импулсивни однесувања. Поради таквата поделба на контролата, повеќето луѓе стануваат десничари бидејќи левата хемисфера е таа што може целосно да ја спроведе планираната акција која во овој случај би била испишување реченица. Од друга страна, десната хемисфера главно ја контролира стабилноста и држењето на телото, но ретко ги извршува планираните дејства. Ова ги заклучува неколку од многуте аргументи што ги содржи рачноста во поддршка на теоријата за латерализација на мозокот.

Друга точка во корист на теоријата на латерализација е употребата и обработката на јазикот. Од крајот на 1980-тите станало познато дека јазичното изразување и разбирање се наоѓаат претежно во левата хемисфера, поради откритијата на Пол Борка и Карл Вернике. Првото се наоѓа во фронталниот лобус, а второто во темпоралниот лобус. Пациентите со оштетувања во овие области покажале тешкотии во разбирање, зборување или читање (Мејерс, 2005). Овие тврдења одат рака под рака со аргументите за доминантноста на раката, покажувајќи уште еднаш дека јазичната продукција што се создава во левата хемисфера може да се изрази со десната рака, односно онаа контролирана од левата хемисфера. Сепак, валидацијата на овие аргументи сугерира дека левораките поединци со оштетување на нивната лева хемисфера нема да покажат тешкотии со јазикот што не е случајот (Papadatou-Pastou, 2011). Авторот посочува дека дури и оние за кои се сметало дека се „левомозочни“ покажале до одреден степен активирање на десната хемисфера. Тука лежи недоволноста на аргументот за употреба на јазикот за да се земе предвид латерализацијата, што покажува дека оштетувањето во недоминантната хемисфера ќе влијае на функциите на доминантната хемисфера. Овие факти укажуваат на важноста на поврзаноста на мозокот и уникатните функции со кои секоја хемисфера придонесува. Таков е заклучокот на јазичниот фактор во аргументот за латерализација.

Третата точка што ја поддржува теоријата на латерализација е аргументот за креативност. Студиите направени откриле дека кога се претставени со перцептивна задача, мозочните бранови и протокот на крв се зголемуваат во десната хемисфера (Meyers, 2005). Покрај тоа, десната хемисфера покажала можност да ги разбере значењата на концептите, емоциите, расположенијата, апстрактните слики итн (Синг, 2015). Ваквите наоди довеле до популарен мит кој вели дека левораките се покреативни, бидејќи главно се водени од десната хемисфера.Сепак, овој аргумент не е целосно поддржан бидејќи повеќето од студиите направени на тема латерализација покажуваат измешани резултати (Dietrich & Kanso, 2010). Затоа, се чини дека креативноста не е само активност на десната хемисфера, туку на цела мозочна хемисфера. По испитувањето на точките кои целосно или делумно ја поддржуваат латерализацијата на мозокот, време е да се свртиме кон оние што се противат на тоа.

Наспроти наодите кои ја поддржуваат латерализацијата на мозокот и изјавите дека поединците функционираат воглано со десен или лев мозок, постои многу поголема колекција на докази дека двете хемисфери треба да соработуваат за да се постигне каква било задача. Конел (2009) тврди дека двете хемисфери се потребни за да се добие смисла на информациите. Се разбира, тие придонесуваат со различни информации, но сепак тие информации треба да се соберат заедно, со цел луѓето да го разберат значењето. На пример, Конел (2009) открил дека „академската“ лева хемисфера и „емотивната“ десна хемисфера постојано влијаат една на друга и ниту една одлука не е целосно производ на само едната страна. Дополнително, Линдел и Кид (2011) наведуваат: „Сите луѓе, од најлогичните и најаналитичките до најемоционалните и креативните, ги користат двете хемисфери на мозокот истовремено при извршување на која било задача“ (стр. 122). Гибсон, Фоли и Парк (2009) коментираат за аргументот за креативност, откривајќи дека всушност комуникацијата помеѓу оддалечените мозочни делови на двете хемисфери ги зголемува креативните перформанси. Во согласност, Алферинк и Фармер-Дуган (2010) наведуваат: „не е ниту точно ниту реално да се верува дека поединците можат селективно да користат една хемисфера од нивниот мозок во исто време за одделни академски функции“ (стр. 43).


Уште поголемо противење на теоријата на латерализација е аргументот за пластичност на мозокот. Ова е процес во кој мозокот физички ја менува својата форма поради новонаучени искуства или стекнати оштетувања. Ова е овозможено со производство на нови мозочни клетки, како и со реорганизација на мозочното ткиво поради оштетување (Meyers, 2005) . Линдел и Кид (2011) тврдат дека преку пластичноста мозокот регрутира други делови да ја преземат улогата, кога одредени области конкретизирани за јазикот се оштетени. Притоа имплицирајќи дека дури и ако важни области на мозокот се оштетени како Брока или Вернике, јазичното изразување и разбирање може да не бидат целосно изгубени. Блиските области на мозокот можат да ја првземат функцијата и со рехабилитација лицето може да ги врати повеќето функции (Мајнцер, Елберт, Виенбруч, Џунџа, Бартел и Рокстрох, 2004). Овие наоди уште еднаш ја нагласуваат важноста на комуникацијата помеѓу хемисферите, отколку тврдењата дека тие работат одделно за да постигнат задача.

По испитувањето на презентираните аргументи, јасно е дека теоријата за латерализација на мозокот не може целосно да се прифати. Се разбира, двете хемисфери содржат различни одговорности, но како и во многу области од животот, комуникацијата меѓу нив е поважна. Функциите на која било хемисфера би се извршиле со многу поголеми потешкотии доколку се наруши поврзувањето меѓу нив. Пример се пациентите со оштетен или отстранет корпус калозум, кои треба да поминат низ интензивна рехабилитација за да можат да се справат со едноставни, секојдневни задачи. Остатокот од популацијата, иако може да прикаже поголема активација на едната хемисфера при извршување на задачата, сепак има потреба од другата хемисфера за ефикасност и прецизност во успешното извршување на активноста. Затоа, латерализацијата е само делумно вистинита и можеби ќе треба да се преформулира за правилно да се толкува.

 

Автор: АнаМарија Павлова 

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods