Психологија

Нека Новата година биде „најдобра“

Неминовно месец декември претставува период во кој празничната треска го обзема секојдневието на секој поединец. И додека кај едни се интензивира чувството на еуфорија, радост, среќа, оптимизам, возбуда, бројни подготовки и планови, кај други се јавува тоталниот екстрем на емоционалниот континиум кој е проследен со непријатни чувства од типот на осаменост, тага, разочараност, неизвесност.

Рената Максимова | 25-Nov-2021

Нека Новата година биде „најдобра“

Набргу започнува одбројувањето на  деновите од месецот кој го  претставува завршното поглавје од календарската 2021 година.

Се буди ли предновогодишна празнична еуфорија во нашето секојдневие?

Многубројни планови за тоа каде и со кого ќе се дочека Нова година?

Уште повеќе подготовки за тоа како да се уреди домот и да се создаде амбиент на пријатно семејно опкружување...

Или сумирање на случувањата и постигнувањата од изминатата и очекувања за тоа што  носи Новата година?




Неминовно месец декември претставува период во кој празничната треска го обзема секојдневието на секој поединец. И додека кај едни се интензивира чувството на еуфорија, радост, среќа, оптимизам, возбуда, бројни подготовки и планови, кај други се јавува тоталниот екстрем на емоционалниот континиум кој е проследен со непријатни чувства од типот на осаменост, тага, разочараност, неизвесност.

Годината подеднакво иста по број на денови за секого од нас, но сепак различна во поглед на индивидуалните случувања.

Додека одредени поеднинци со радост го крунисуваат крајот на 2021 и поставуваат бројни цели или продолженија на започнатите активности во идната,  други жалат за пропуштените можности и направените грешки. Трети, се соочиле со загуба на блиски драги личности, па прославувањето само уште повеќе ја засилува емоционалната празнина предизвикана од нивното отсуство.  Или пак имале детство исполнето со семејни недоразбирања, па собирањето  заедно на  празнична прослава предизвикува измачувачко чувство исполнето со страв да не се повтори непријатното секојдневие.

Сите овие и многу други фактори кои дополнително произлегуваат од корона ситуацијата допринесуваат за измешани чувства, недоумици, исчекувања, прашања.

Дали завршетокот на календарската година може да ни помогне да изградиме „психолошки крај‟  на болните сеќавања, спомени, случувања, ограничувања?




Подемите и падовите се составен дел во патеката наречена живот, но колку тие се одразуваат врз случувањата кои следуваат?


Како да се надмине негативното и да се продолжи во конструктивна насока?


Сето тоа зависи од околностите и можностите со кои сме опкружени, но во најголема мера е одредено од нашата индивидуална перцепција и поглед кон случувањата, луѓето и воопшто кон животот.

Градењето на позитивна животна филозофија не само што ќе ни помогне да ги надминеме непријатните чувства и доживувања туку и ни отвара светол пат кон иднината. Неминовно е со самосвесност да пристапиме кон случувањата од минатото и чувствата кои тие ги предизвикуваат, но не и да се поистоветуваме со нив. Сепак ние не сме единствено само она што ни се случило, туку тоа што ќе одлучиме да бидеме.  


Оптимистичкиот поглед при поставувањето на јасно дефинирани, реални, конкретизирани цели,  проследени со силна желба и вложен труд е пат кон максимално  личносно реализирање.


Излегувањето од комфор зоната и отворениот поглед кон нови животни искуства со сигурност ќе допринесат за градење на секојдневие проследено со пријатни чувства и доживувања.

Денешниот начин на живот наметнува следење на модни трендови, масовно и многупати непотребно шопингување, патувања на далечни егзотични дестинации и „нормално‟ пласирање на сето тоа на социјалните мрежи. Тоа во одредена мера е сосема во ред, пријатно и  посакувано, но за жал отвора и можност за  создавање на еден нереалистичен поглед кон живеењето. 

Да не заборавиме дека идеалниот живот е одлика на бајките. 

Секој од нас минува како низ продуктивен период кој најчесто го документираме и споделуваме преку објавите на социјалните мрежи, така и низ период исполнет со тешкотии кој во најголема мера си го чуваме за себе. 

Наместо меѓусебни споредувања, да ги искористиме туѓите постигнувања како пример и мотив во нашите планови. Технологијата нека ни биде мост кон спознавање на непознатото,  остварување контакт со луѓето кои се физички далеку, а бескрајно блиски во душата.

Нека празничните денови во нас ја оживеат магијата на безвременските вредности кои се одликуваат со несебична љубов, поддршка, разбирање, прифаќање, ведрина, истрајност, пожртвуваност, солидарност, сочувство, алтруизам.

Искрена љубезна насмевка, топла прегратка и пријатен збор нека се шират околу нас.

Мислата за непроценливата вредност на нашето битие нека претставува водилка кон најдобрите реализирања во новата година.


;

Можеби ќе те интересира

payment-methods