Личен раст и развој

Пет невообичаени принципи за стекнување самодоверба

„Не се стекнува самодоверба со тоа што си ги кажуваме своите успеси. Самодоверба се стекнува со тоа што ги споделуваме своите недостатоци, своите несигурности и со тоа што ќе работитме на нив. Тоа е тоа што нѐ прави покомпетентни. Да можеме да зборуваме за сопствените негативности и недостатоци на здрав и продуктивен начин.“

Our Mind | 09-Dec-2021

Пет невообичаени принципи за стекнување самодоверба
Краток осврт на самодовербата, надвор од класичните верувања и стереотипи за самодоверба, разгледана низ пет принципи. 

Прв принцип

Првиот принцип за кој би сакал да зборувам е многу важен во животот. Станува збор за како да реагираме во моменти кога ќе ни се укаже одредена можност.

Одговорот е едноставен.

Можноста треба да ја зграпчиме без оглед на сѐ. Иако можеби не сме сигурни дали сме способни за истата, сепак треба да тргнеме кон неа, па попатно да смислиме што ќе правиме. 


Она што ми се допаѓа кај овој принцип, е тоа што кога ќе прифатиме одредена работа, си наметнуваме самите позитивен притисок, почнуваме со планирање, се организираме, почнуваме да истражуваме. Вештините што ќе ги стекнеме попатно се многу поважни од крајната цел на која сме ја почнале.

Во спротивно, не само што пропуштаме некаква можност, туку ја пропуштаме и можноста да се развиеме, да научиме нешто ново.

И токму ова е карактеристика на самоуверените луѓе. Овде не станува збор за арогантност, станува збор за прифаќање на фактот дека не знаеме сѐ, дека сме спремни за раст и за учење нови работи.

Самото тоа што се нафаќаме на работа во која не сме сигурни дека можеме да ја изведеме претставува ризик. Но, ова е ризик кој и тoa како вреди. Животот е многу позабавен кога прифаќаме работи, никогаш не знаеме на каква авантура ќе нѐ однесе.


Втор принцип

Исто како што е важно да прифаќаме работи и можности кои ни се укажуваат во животот, важно е и да НЕ прифаќаме работи кои не се во склад со нашите вредности.


Кога можноста што ни се укажува нѐ возбудува, тогаш без сомнение треба да ја зграпчиме. Но, кога се бара од нас да направиме нешто кое што не е во склад со нашите вредности, тогаш не треба да прифатиме.

Луѓето често знаат да кажат дека самодовербата ни се зголемува само со прифаќање на работи, или како што се вели на англиски, „just say YES“, но не е точно. Ваквиот начин на размислување може да има негативни последици. Може да ни направи чувство на несигурност, на нарушен интегритет. 

Ако прифатиме нешто што НЕ нѐ интригира, што не ни е важно, што се противи со нашите вредности, нема да се чувствуваме посамоуверено, напротив, ќе се чувствуваме понесигурни. 

Да знаеме кога да кажеме „НЕ“ е многу клучна вештина, но за да ја развиеме истата, потребно да си ги познаваме споствените вредности. 

Луѓето со висока самодоверба си ги познаваат своите вредности. 


Трет принцип

Како да знаеме кои ни се вредностите? Под наши вредности спаѓа сѐ она што го цениме кога не сме на работа. 

Кога сме слободни, што ни е приоритет? Што е тоа што едвај чекаме да го правиме кога ќе дојде викенд? 

Можеби слободното време го минувате бесцелно пред телевизор или лежите по цел ден, па би рекле дека тоа не се ваши вредности, тоа не е нешто кое го цените, дека не е нешто со кое се поистоветувате. Тогаш прашајте се: 

„Што би сакале да правите во слободно време?“ 

Она што го правиме, или што сакаме да го правиме во слободно време, се нашите вредности.

Некои можности кои ни се укажуваат мора да ги ПРИФАТИМЕ за да си ги оствариме соништата, а некои пак мора да ги ОДБИЕМЕ за да си ги оствариме соништата. Тоа што не прифаќаме сѐ, не значи дека успоруваме на патот кон сопствениот успех.


Самодовербата не се мери во тоа колку сме постигнале или колку материјални работи имаме. Самодовербата е во тоа да можеме да кажеме дека сме направиле одредена работа бидејќи ни значела, дека сме постапиле во согласност со нашите верувања и вредности, дека сме останале верни на себе.

Еве едно прашање за вас. 

Дали вашиот сон е навистина ваш сон? Дали можеби е сон на вашите родители? Или можеби е сон на вашите партнери, на вашите пријатели? 

Кога трчаме по сонот наметнат од општеството, тогаш се исполнуваме со анксиозност. 

Така никогаш нема да бидеме доволно успешни, никогаш нема да бидеме доволно паметни. 


Четврт принцип

Луѓето со висока самодоверба се фокусираат на подобрување и усовршување, не на перфекција.

Мислиме дека самоуверените луѓе секогаш знаат што прават, дека секогаш се во право, дека секогаш им оди од рака и дека сѐ прават перфектно.

Но, стремежот кон перфекција може да доведе до две сценарија. Или ќе мислиме дека сме ја постигнале перфекцијата, па дека немаме потреба повеќе да се развиваме и да учиме нови работи, што води до арогантност, или пак, може да ни наметне чувство на недостижност, што води до несигурност и апатичност и повторно нѐ спречува да растеме и да се развиваме. 

Но, кога се фокусираме на подобрување, тоа е нешто што е остварливо и мерливо. 

Кога се фокусираме на подобрување, чувствуваме возбуда, ентузијазам, искусуваме нови работи и го доживуваме сопствениот развој, што е прекрасно чувство. 

Во секое поле во кое не се чувствувате доволно самоуверени, истражете каде може да се подобрите, што може да научите, што може да усовршите.


Петти принцип

Овој принцип ќе ви биде интересен. 

Зборувајте помалку кога сте во ситуација во која се води нискоинтелигентен разговор. 

Не велиме нискоинтелигентни луѓе, не зборуваме за едукативна интелектуалност, туку за емотивна и спиритуална. 

Ако тема на разговорот е озборување или критикување, ако разговорот е негативен или токсичен, тогаш зборувајте помалку. 


Во такви ситуации не трудете се да им „солите памет“ на другите, да им кажувате како треба или како не треба. Едноставно не учествувајте во разговорот.

Абрахам Линколн рекол: „Подобро да си ќутите и за вас да мислат дека сте „смотани“, отколку да зборувате и да ги потврдите таквите сомнежи“. 

Можеби сакате да им помогнете на луѓето, да ги извадите од тој негативен циклус, но понекогаш најпаметно нешто е да не направите ништо, бидејќи можеби тие луѓе не сакаат да го слушнат тоа од вас, или во тој момент.

Кога сме во негативни разговори, кога се разговара лошо за други луѓе или ситуации, имаме чувство на потреба да се вклучиме во разговорот, бидејќи така се зближуваме со останатите соговорници околу негативни работи. 

Но, дали е тоа вистинско зближување, кога причината е негативна? 

Дали сакаме зближувањето со другите да ни се заснова на озборување, на критики?

Кога учествуваме во разговори во кои озборуваме или критикуваме други луѓе, тогаш несомнено ќе бидеме и ние тема на разговор кога нема да бидеме присутни во истата група на луѓе.

Во обратно сценарио, кога се наоѓате во интелигентен разговор, тогаш поставувајте повеќе прашања. Иако, можеби во такви ситуации сакаме да кажеме повеќе, да се „истакнеме“ колку сме интелигентни, сепак, само преку поставување прашања може да дојдеме до нови сознанија, да научиме нешто ново и да се развиваме. Така го покажуваме и сопствениот интелект преку тоа што изразуваме интерес и заинтересираност во одредена тема.

За крај ќе ве оставиме со цитат од Еленор Розвелт: „Големите умови разговараат за идеи, просечните умови разговараат за настани и случувања, простите умови разговараат за луѓе“

За што разговарате вие?

Ако сакате да бидете самоуверени, разговарајте за идеи. Разговарајте за навики. Разговарајте за рутини. Разговарајте за сопствените недостатоци.

Не се стекнува самодоверба со тоа што си ги кажуваме своите успеси. Самодоверба се стекнува со тоа што ги споделуваме своите недостатоци, своите несигурности и со тоа што ќе работитме на нив. Тоа е тоа што нѐ прави покомпетентни. Да можеме да зборуваме за сопствените негативности и недостатоци на здрав и продуктивен начин. 

Да не си го трошиме времето во разговори за настани и луѓе. Да разговараме за идеи.


За Our Mind,

Стефан Цеков 

Инспириран од подкаст на Џеј Шети

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods