Анксиозност, Депресија

Што е анксиозноста?

Анксиозноста е состојба која се карактеризира со ирационалнo и прекумеренo чувство на вознемиреност, напнатост, грижа, стрес, паника, како и лоши претчувства.

Маријана Софронијоска Тинтар | 22-Jul-2021

Што е анксиозноста?


Анксиозноста е неможност да се соочиме со проблем од кој не можеме да побегнеме. Затоа сакајќи да ја надминеме анксиозноста добро би било да се запрашаме: 

„Дали  сме спремни да се одрекнеме од работите заради кои сме дошле во оваа состојба?“

Поттикната од книгата „Зошто јас“ од Мартин Јованоски, која се обработуваше на еден од настаните на Our Mind, повторно се навратив на сите оние непријатности со кои повеќе или помалку секој од нас се сретнал. 

Една од најчестите секојдневни активности кај многумина е прекумереното размислување и анализирање за вообичаени работи или за работи кои треба да се случат. Прекумереното размислување, особено ако е негативно, може да поттикне анксиозност и да создаде проблеми онаму каде што ги нема. Може да биде толку вознемирувачка, што најчесто се сфаќа како ментална болест или фаза пред полудување.


„Зошто да не наречам болест нешто што трае, јаде однатре, нешто што не се лекува? Мојот ум е нападнат од сите страни, мојот дух е паднат на колена, моето тело е преслабо, не спијам, јадам со сила, се борам секоја секунда од денот, а не смеам ни да го употребам тој збор.“

-  Мартин Јованоски


Анксиозноста не е болест, туку се дефинира како состојба која се карактеризира со ирационалнo и прекумеренo чувство на вознемиреност, напнатост, грижа, стрес, паника, како и лоши претчувства придружени со хиперактивност на вегетативниот нервен систем. Анксиозноста е многу непријатно и нејасно чувство, поврзано со едно или повеќе телесни искуства - грчење на мускулите, треперење, абдоминална болка, стегање во градите, палпитации, брзо дишење, главоболка и други. Анксиозноста до одреден степен може да биде искуство што секој човек го знае, а се однесува на неизвесноста насочена кон секојдневниот живот, ситуации или непријатности од соочување со тешка ситуација. Сепак, стравот и чувството на вознемиреност се пропратен дел од животот и многу е важно да се знае кога тие чувства се соодветни на ситуацијата, а кога можат да се наречат анксиозност. 

Стравот е емоција која се појавува кога поединецот ќе процени дека се наоѓа во опасна ситуација (на пример: напад од друга особа), додека анксиозноста се појавува кога поединецот замислува или предвидува напад во иднина (на пример: можно е нешто лошо да ми се случи кога ќе излезам надвор од дома). Кога анксиозноста, како пролонгирана сосотојба на несигурност и страв (произлезена од разни ирационални заканувачки очекувања), ќе почне сериозно да влијае врз секојдневното функционирање и квалитетот на животот, време е да се побара стручна помош.

„А што ако ми пукне гума на оваа брзина или ако се расипе автомобилот? Или ако се превртам, или ако се удрам во банкина? Што ќе се случи тогаш?“

„Тоа е анксиозност меѓу другото. Те обзема целосно, прави друг човек од тебе.“ Мартин Јованоски

Појавата на анксиозноста се поврзува со генетските фактори, биохемиските фактори, личноста и научените реакции, може да биде предизвикана од стресни или фрустрирачки ситуации,  може да се случи како последица на животни настани како губење на работно место, болест, несреќен случај, смртен случај, раскинување или разведување со партнер итн., а може да се научи и преку идентификација и имитација на анксиозни модели од родителите/околината. Впрочем, последното може да влијае врз сѐ ова погоре наведено, бидејќи како ќе го прифатиме непријатниот настан зависи само од нас и од нашите реакции, верувања, навики и слично. 


(повеќе за трансгенерациските обрасци на пренесување на следниот блог)
;

Можеби ќе те интересира

payment-methods