Без пардон

Што значи одговорност?

Секогаш постои опција. А знаењето дека постои опција се вика одговорност. Можеби нема да преземеме ништо, ама тоа пак е наша одгворност. Не на некој друг. Свесноста дека можеме да преземеме нешто, а не преземаме, е исто одговорност. Недејствието е иста одговорност како и дејствието.

Our Mind | 06-Jun-2022

Што значи одговорност?

Сѐ повеќе читаме и слушаме во книгите за самопомош или во подкасти, колку е битно да се биде одговорен. Но, многу често овој поим се меша со поимот „дејствува“, односно се мисли дека да се биде одговорен значи да се реагира.

Скоро прочитав во една книга, која ме стави во мисла, а беше анализа на што значи зборот одговорност на англиски, „responsibility “. Самиот збор се состои од два дела, „response“ што значи одговор и  „ability“ што значи можност.

Што значи, одговорност не е секогаш да се преземе акција за некој процес, туку да се прифати дека имаме можност да делуваме, односно да одговориме на стимулот.

На пример, ако ни заѕвони телефонот, имаме опција да одговориме и имаме опција да не одговориме. Ако сме зависни од мобилниот, тогаш рефлексно ќе кренеме, а од другата страна може ќе биде личност која ќе нѐ изнервира и ќе ни го упропасти целиот ден. Меѓутоа ако сме личности кои знаат себеси да си дадат оддишка од мобилниот и сите социјални мрежи и да одморат ден два без нив, тогаш ќе го слушнеме телефонот дека ѕвони, но нема да се јавиме, затоа што сме определиле дека тој ден е само за нас и никој нема да нѐ вознемирува. Одговорноста лежи во моментот каде ние одлучуваме дека можеме да се јавиме или не можеме. Одговорноста значи можност да се одговори или да не се одговори. Одговорноста значи свесност дека имаме можност да одговориме или не.

Што се случува во секојдневниот живот?

Најголем дел од луѓето, мислат дека за нивниот живот е одговорен некој друг. Без разлика дали се работи за работно место, за партнер, за дете, за родители, за финансии, за држава итн, најголем дел од луѓето мислат дека некој друг е одговорен зошто тие се несреќни или незадоволни.

Или ако тргнеме со примери, поголем дел од луѓето ги обвинуваат родителите за тоа каде се наоѓаат сега. Дека не им било овозможено да учат, дека биле малтретирани, дека родителот ги напуштил, дека така ги учеле од мали итн.

Друг пример е со работа. Поголем дел од луѓето мислат дека нивната работа и заработка зависи од шефот и доколку одлучат да направат нешто поразлично, тогаш би добиле отказ, па тогаш би немале пари да си платат сметки, па тогаш би ги оставила жената, па би морлае да просат на улица итн. И тогаш остануваат на тоа работно место, плашејќи се да не го изгубат истото, а тој страв и анксиозност влијаат на нивниот квалитет на работа, и трудејќи се да го задоволат шефот, најверојатно ќе добијат отказ, затоа што не мислат на работата и како да ја завршат во моментот, туку мислат што би било ако ја изгубат. А нели, секогаш се случува она од што се плашиме.

Трет пример би бил партнерот. Многу личности се заглавени во нефункционална врска од причина што мислат дека нема излез од неа, заради бројот на години поминати заедно, заради децата, заради заеднички материјални добра (почесто недобра), заради заеднички долгови, кредити, заради тоа „што ќе кажат луѓето“ или едноставно се препуштени дека „така требало да биде“, да се страда во животот затоа што „некој“ одлучил дека баш таа личност треба да страда и нема среќа на овој свет за неа.

Но, дали мора да биде така?

 

одговорност

 

Нашиот живот е наша одговорност.

Веројатно сто пати сте го слушнале ова, но звучело како клише.

Одговорноста не значи дека мора да преземеме акција во моментот. Можеби е добро да преземеме, но тоа не значи одговорност. Одговорноста значи да знаеме дека имаме опција да преземеме нешто. Да бидеме свесни дека сме тука заради нашите избори и нашите дејствија и ИМАМЕ ОПЦИЈА да преземеме нешто.

Имаме опција да бидеме поразлични од нашите родители, да ги скршиме шаблоните кои тие ни ги изградиле, да ги промениме верувањата кои тие ни ги наметнале, да почнеме да правиме работи спротивно на тоа што нѐ научиле. Имаме опција да ја прекинеме нефунционалната врска и да најдеме партнер кој ќе ни одговара, или да се потрудиме да направиме нешто да успее сегашната врска. Но, ако седиме со скрстени раце и ако прифатиме дека таа врска не е наша одговорност и е одговорност на партнерот или на некоја сосема трета страна, тогаш нема да добиеме ништо друго освен мизерен живот.

Ако прифатиме дека нашиот живот, успех на работа, исполнетост, финансиска слобода и достигнувања, зависат од државата во живееме, тогаш супер, тоа е правиот пат да се заврши под некој мост и да се нема за основен живот.

Да се префрли одговорноста на некој друг е најлесно. Најголем дел од луѓето го прават тоа.

„Јас не можам да успеам затоа што мајка ми ми има наметнато стравови“, „Не можам да си дадам отказ бидејќи државата ни е таква и нема да најдам нова работа“, „Не можам сега да менувам место, работа и сл. затоа што имам деца. Знаеш сѐ е поразлично кога имаш деца. Не е исто како кога си сам.“, „Нема иднина во оваа држава...“ и многу други примери, кои веројатно ги слушате секојдневно.

И веројатно вака напишани ќе ве поттикнат да размислите дека не е така како што изгледа.

 

Секогаш постои опција. А знаењето дека постои опција се вика одговорност.

Можеби нема да преземеме ништо, ама тоа пак е наша одгворност. Не на некој друг.

Свесноста дека можеме да преземеме нешто, а не преземаме, е исто одговорност.

Недејствието е иста одговорност како и дејствието.

 

Често сме незадоволни таму каде што се наоѓаме. Затоа што потсвесно знаеме дека имаме друга опција, ама полесно е да се префрли топката на некој друг. Меѓутоа потсвеста работи.  Можеби ние гласно ја обвинуваме државата, родителите, децата, партнерот итн, но поствесно знаеме дека одговорноста лежи во нас.

Во моментот кога ќе станеме свесни за својата одговорност, што можеби ќе биде сега, тогаш ќе се запрашаме за секое следно дејствие. Затоа што тогаш ќе знаеме дека имаме опција. А недејствието е исто така одговорност. Наша одговорност. Не на некој друг. И тоа можеби најлошата одговорност.  Да знаеш дека може да се преземе нешто, а сепак да останеш во истата точка, заради страв кој всушност е само изговор да не се излезе од „комфорната“ зона. Ставив наводници затоа што најчесто комфорната зона е некомфорна, ама е полесно да седи во неа, отколку да се преземе нешто ново.

Следниот момент кога нема да бидете задоволни со себе, запрашајте се што можете да направите или да не направите. И стоите цврсто зад својата одлука.

Тоа е одговорност.

 

Автор: Маја И.Цеков

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods