Без пардон

Во новата година да веруваме во себе и нашите вредности

Како што се ближи новогодишната вечер и како што во главата прелистуваме дали завршивме сѐ за изминатата година, така во нас се раѓа едно чувство на исчекување, помешано со еуфорија, дел заради значењето на тој новогодишен ден, а дел заради радоста дека нѐ чекаат нови почетоци.

Our Mind | 29-Dec-2022

Во новата година да веруваме во себе и нашите вредности

Нова година, нов почеток, нова шанса, нови предизвици...
Некако како крајот на годината да ни носи некое олеснување, како да завршуваат сите тешкотии тука и сега ќе почнеме одново.
Слично како што утрото ни носи свежа енергија и можност уште еднаш да размислиме за проблемот од вчера. Не за џабе велат "Утрото е попаметно од вечерта".
Така и со новата година. Имаме чувство дека животот ни дава нова енергија, нова сила, нови видици и нови можности.
Имаме чувство дека сѐ што не сме завршиле во старата дека ќе го започнеме и завршиме во новата. 

Но, дали нашите ветувања ги исполнуваме или животот ни прави предновогодишна кампања за почетокот на секоја година?
Дали тргнуваме кон целите или само напразно си ветуваме за да ни биде мирна совеста додека прославуваме?

И така, ако ги имавме запишувано ветувањата, ќе сфатевме дека дел од ветувањата се од пред три или повеќе години, а сега некако ни изгледа дека веќе и немаат поента.
Тоа е така и е сосема нормално и не би било добро доколку е спротивно, бидејќи би значело дека стоиме во место и не се развиваме.


Сосема е нормално дел од целите кои сме ги зацртале за нова година, дел од нив под притисок „морам да зацртам цели“, не само да не ги оствариме, туку и веќе да не ни се битни. 
Затоа што, колку и да изгледа кратко ретроградно, една година е период каде можат да се променат многу работи и може да се сменат многу перспективи.
Затоа е сосема океј ако не сте ги оствариле минатогодишните цели и ако овој текст ви доаѓа како добра утеха.

Целите, како и сѐ друго во животот се динамична појава. Не се статични и не стојат во место, освен ако не се локација и возејќи можете да стигнете до нив.
Како и да е, доколку имате планер или дневник во кој имате зацртано цели за годинава и пола од нив не ви се пречкртани, и се чудите како да ги оправдате пред новата година, слободно опуштете се и прославете за она што веќе го имате остварено, затоа што сигурно не е малку.


А во новата година, тргнете со верба во себе. Зацртајте си повторно цели, некои нови, некои стари, но не се разочарувајте ако тие повторно се сменат.


Битно е да веруваме во големата слика и долгорочните цели. Битно е да се придржуваме до нашите вредности и да делуваме согласно нив.
Битно е да веруваме во себе и да знаеме дека можеме да ги оствариме тие цели доколку навистина ни се битни. Бидејќи понекогаш се саботираме себеси заради тоа што дел од целите не се навистина наши и не се според нашите најдлабоки вредности.
Битно е да веруваме дека живееме онака како што сакаме, и ако не, тогаш да тргнеме кон промена.

Да се запрашаме зошто не живееме онака како што сакаме? Кои се нашите оправдувања? Кој нѐ саботира? Дали самите себе се саботираме? И зошто? 


Дали сите досегашни цели ги поставуваме според нашите вредности или според она што мислат другите?


Дали длабоко си веруваме себеси? 


Дали длабоко веруваме дека сме способни да ги оствариме целите и дека сме достојни за животот кој го посакуваме? 


Во новата година ви посакувам да ги преиспитате вашите најдлабоки вредности.
Не е битно дали сме оствариле неколку повеќе или помалку цели. Битна е нашата замисла за животот. Битно е да бидеме задоволни тука каде што сме. Битно е да бидеме среќни со „малите“ работи околу нас.

Битно е да сме благодарни на сѐ што имаме до сега.
Битно е да уживаме во моментите и луѓето кои ги сакаме. Затоа што тоа се цели кои ни даваат смисла на постоењето, а не се остваруваат материјално. Цели кои често забораваме да ги поставиме. Цели кои значат време за себе и нашите најмили. Цели кои се остваруваат само со многу љубов. 
Во новата година влезете со енергија дека веќе имате сѐ што сакате.

Бидете благодарни и верувајте во новогодишната магија.

Верувајте во љубовта и позитивната енергија.


Среќни празници!

 

Автор: Маја Иванова Цеков

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods