Детска Психологија

Врсничко насилство, тема на разговор и во 21 век?

Насилството постоело секогаш. И во времето на војни и во дигиталниот свет денес.  Живееме во култура на насилништво, непочитување и невредување на другите околу нас. Се чувствува напнатост, презир и омраза во воздухот, на автобуска станица, во прочуениот трговски центар, дома, на работа, во училиште, во твојата и соседната училница.

Клементина Добревска | 28-Sep-2022

Врсничко насилство, тема на разговор и во 21 век?

Врсничкото насилство, во стручната меѓународна литература познато под името Bullying, е еден вид на употреба на сила, закана или намера за злоупотреба и/или агресивна доминација над другите врсници. Ова однесување најчесто се повторува и претставува дополнителен стрес за оние кои се предмет на малтретирањето односно жртви на bullying. Истото претставува закана за позитивниот развој на децата. Причинува вознемиреност, осамување, депресија, губење интерес за училиштето и училишниот успех, затворање во себе. Ваквите емоции можат да прераснат во состојба на таканаречен токсичен срам што го поддржува чувството на беспомошност во однос на однесувањето со другите врсници, па така овие деца веруваат дека дури ниту повозрасните не би можеле да им помогнат. За некои деца ваквите искуства можат да бидат крајно повредувачки и на тој начин би можеле да се соочат со пост-трауматски стрес кој би се пролонгирал во одреден период од животот. Миксот од емоции кои овие деца ги доживуваат е токсичен за нивната психолошка добросостојба.

психолог Николина И. Котевска

Често започнува со поблага форма на префрлање на повлечените или таканаречените послаби деца. Децата изложени на врсничко насилство се вообичаено омаловажени и социјално отфрлени, а се подложни и на некои форми на агресија од страна на еден или повеќе врсници. Агресивните модели на однесување по пат на социјализација се учат преку набљудување од најрана возраст во семејството, во врсничката интеракција, на медиумите.Одредени истражувања говорат за тоа дека, на светско ниво, врсничкото насилство е сè пораспространето и, за жал, сè  почесто кулминира со физички напади – најчесто во основното образование додека, пак, во средно, истото опаѓа, но и понатаму може да претставува проблем за една млада личност. 

Насилството е научено однесување и затоа може да учиме ненасилни однесувања, само потребно ни е умеење да ја препознаеме и да ја надминеме неправдата што ја доживуваме. Најпрво,д важно е да ги преиспитуваме нашите ставови, уверувања, улоги и однесување. Постојат начини и техники за брзо и ефикасно справување со насилството, важно е да се насочиме кон конструктивно ненанасилно однесување кон вештини за мирно решавање на конфликтите и стремеж кон создавање култура на ненасилство со почит и љубезност кон заедницата, пријателите, родителите, наставниците и врсниците. 

Секое дете чувствува основна биолошка потреба да биде поврзано со блиските, да биде прифатено и сигурно во околината во која што живее. Тука е и потребата за способност да влијае врз луѓето што го опкружуваат – сака да се чувствува дека е важно, забележано и успешно во однос на своите интеракции со другите. Кога едно дете не може да си ги задоволи ваквите потреби низ вообичаените односи со врсниците,  може да почне да прикажува деструктивно однесување.


 

ШТО ДА СЕ НАПРАВИ И КАКО ДА ИМ СЕ ПОМОГНЕ НА ДЕЦАТА ДА СЕ ЗАШТИТАТ ИЛИ ДА ГО ПРОМЕНАТ СВОЕТО ОДНЕСУВАЊЕ?

 

Едноставно и универзално решение за справување  со насилството кај децата нема. За да се дојде до промена на однесувањето кај децата-насилници, потребно е да ја разбереме нивната перспектива и причината зошто одбираат да се однесуваат на тој начин. Не е доволно детето да се казни, затоа што самата казна нема да доведе до промени во однесувањето. Напротив, би можела да ги влоши нештата. Со детето треба да се работи на прикажување на ставовите, гледиштата и убедувањата во врска со насилното решавање на проблемите од друга перспектива различна од неговата. Дури тогаш би можеле да очекуваме промена кај детето.

 

психолог Николина И. Котевска

 

Кога зборуваме за деца кои се жртви на насилство, важно е да се развие систем на поддршка во нивното опкружување, што подразбира: топла и поддржувачка атмосфера во семејството, помош при стекнување на нови пријателства, зајакнување на постоечките пријателства, јакнење на самодовербата, како и подучување на нови вештини за комуникација.

Родителите можат да одиграат значајна улога кај децата. Важно е да го следат однесувањето на своето дете, да ја регистрираат секоја промена во неговото однесување и расположение и да проверуваат дали е сѐ во ред. Тие, исто така, треба да го подучуваат детето на позитивно однесување, да му укажуваат на грешките што ги прави и да го учат на нови вештини за комуникација, но и да им објаснат дека секогаш кога ќе дојде до врсничко насилство, потребно е да се обратат кај возрасна личност (родители, наставници или други личности во кои што имаат доверба). Единствено на тој начин насилството би можело да се сопре. Во такви ситуации е важно да реагираме на начин кој ќе им помогне на децата да се соочат со реалноста, да им понудиме помош и поддршка и да им послужиме како модел за конструктивно решавање на настанатата проблематична ситуација.

Дополнително, многу важно е да се работи на подигнување на свеста за насилството и врсничкото насилство како и последиците од истите. Затоа наставниците и родителите,  може да помогнат во стекнување на вештини за одбрана и превенција од жртви на врсничко насилство, преку асертивност ( издржливост, самоувереност, самодоверба, почит кон себе и кон другите, да ги брани своите права без викање,сигурен глас), комуникациски вештини (со кои се смирува атмосферата и се отвораат можности за комуникација помеѓу децата преку активно слушање и Јас пораки), социјални вештини (за намалување на напнатост во себе си и групата, соработка и почит и одржување добри пријателства).

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods