Семејна психологија

Запишување на детето во училилиште - Нов предизвик за родителите

Предизвиците со кои се соочуваат децата и родителите при тргнување на училиште.

Данче Сенева | 07-Dec-2022

Запишување на детето во училилиште - Нов предизвик за родителите

Тргнувањето на училиште е голем чекор кој носи големи промени и за детето и за родителот. Во училиштето детето се одделува од родителот, станува самостојна индивидуа која има задачи и обврски за исполнување. Многу често се случува родителите да бидат тие кои не можат лесно да го прифатат фактот дека детето ќе тргнува на училиште од септември. Тоа се случува, бидејќи и родителот мора да излезе од својата “комфорна зона”, од секојдневната рутина и да прифати нова секојдневна рутина. Како детето ќе се прилагодии ќе ги прифати новите предизвици зависи од тоа како родителот ќе го прифати тој факт. 

Уписите во прво одделение започнуваат секоја година во месец мај. Родителите имаат обврска да се појават во најблиското училиште и да го запишат своето дете во прво одделение.

Согласно член 60 од Законот за основно образование, во прво одделение на основното училиште, родителот, односно старателот е должен да го запише детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години. По исклучок, детето може да се запише во прво одделение, доколку наполни шест години до 31 јануари наредната година, по претходно барање од родителот, односно старателот и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето.

Сѐ почесто родителите со појавуваат во училиштата кај стручните служби и бараат одложување на уписот за наредната година, а многу од родителите и не се појавуваат, самостојно одлучуваат да не го запишат детето во прво одделение, бидејќи детето има претходно поставена  дијагноза или е емоционално незрело. Родителот има законска обврска да се појави во училиштето, бидејќи училиштата имаат стручна служба (педагог, психолог, логопед, специјален едукатор и рехибилитатор), кои спроведуваат низа тестирања, прават проценка на психо-физичката состојба на детето и согледуваат дали има потреба да се одложи уписот (и го упатуваат детето на стручно тело МКФ) или го запишуваат.

Од детето не се очекува да има огромни предзнаења за во прво одделение.

Улогата на родителот во подготвувањето на детето за прво одделение е огромна.

Родителот е тој кој треба да му помогне на детето да стане независно. Тоа подразбира детето да умее самостојно да се храни, да се облекува, да умее да се прилагоди во нова средина во која нема да биде присутен родителот.

Негова задача е да го насочува и поттикнува детето самостојно, во иднина и самоиницијативно да ги завршува сопствените обврски.

Заеднички да креираат распоред на дневни обврски кој ќе му помогне на детето да има организирани активности во текот на целиот ден. На тој начин детето знае кога ќе руча, кога може да си игра, а кога треба да се посвети на училишните обврски.

Во почетните месеци од образованието поважно е детето да научи како како да се однесува во училиштето, да развие работни навики, да ја подобри концентрацијата и вниманието за време на часовите и сл. 

Родителот има константна поддршка од целиот тим на основното училиште и заеднички му овозможуваат правилен физички, емоционален, социјален и интелектуален раст и развој на детето.

;

Можеби ќе те интересира

payment-methods