Лидерство и емпатија
Времињата се менуваат и носат нови правила. Ако во минатото беше важно за еден лидер со кој просек ги завршил студиите и колку е IQ, во денешно време професионалната селекција на нововработените лидери е насочена и кон нивна проценка на вештини за соработка, кооперативност, поддршка кон другите, градење на позитивни меѓучовечки односи и умешност за преговарање, кои се исклучително важни во современтите хиерархии и организации на компаниите.
И не само тоа. Лидерот е водач на група луѓе, а тоа значи дека лидерот е потребно да мотивира и насочува група луѓе кон остварување на поставените цели. Затоа е потребно да има и пренослив оптимизам, добро да ја познава човековата природа, да има самоконтрола, да покажува почит кон луѓето и да има чувство на праведност во кои другите ќе имаат доверба.
Емоционалната интелигенција (ЕИ) е клучен атрибут за лидерите на работното место. Тоа опфаќа различни вештини и квалитети кои им овозможуваат на лидерите да се поврзат со членовите на нивниот тим, да поттикнуваат позитивни односи и да создадат просперитетна работна средина, што резултира со култура на доверба, соработка и продуктивност.
За лидерите да имаат вештина за успешна соработка со другите луѓе, потребно е да се емпатични и да имаат социјални вештини.
Што е емпатија во работна средина?
Во светот на работната средина, онаму каде вработените работат, луѓето имаат причина да ги кријат своите емоции, односно да ги кријат своите внатрешни чувства - тоа е животната вистина во работниот свет.
Да се почувствува што другите чувствуваат, а да тоа не го искажат - тоа е сржта на емпатијата. Способноста да се почувствуваат тие фини нијанси се гради на темелите на компетенцијата, посебно на самосвеста и самоконтролата.
Без способност да се именуваат сопствените чувства (самосвест), а при тоа тие чувства да не нѐ преплават (самоконтрола), не може да се почувствува расположението кај другиот.
Емпатијата е пресудна кога се работи со луѓе.
Лидерите кои се способни да ги разберат другите луѓе се лидери кои:
- внимаваат на емоционалните сигнали,
- искажуваат чувствителност и
- ги разбирааат чувствата и потребите на другиот.
Ваквиот одговор на лидерот кон членовите од неговиот тим значи поддршка и охрабрување кога е потребно. Ова поттикнува чувство на припадност, што вообичаено доведува до зголемен ангажман и лојалност меѓу членовите на тимот.